ЗАЕВ: ВИЕ ИМ НОСИТЕ РАДОСТ НА ГРАЃАНИТЕ, А НИЕ ЌЕ ВОЗВРАТИМЕ СО ВЛОГ ВО ИДНИНАТА НА РАКОМЕТОТ!

По освоената европска титула, за ракометарите на Вардар нема одмор.

По вчерашното патување од Келн до Скопје и прославата низ улиците на главниот град и на плоштадот Македонија, денеска е ден за приеми.

Вардарци најпрво беа кај Премиерот Зоран Заев, кој вети дека уште од денеска се посветува на мерки за стабилност на клубот.

„Ви честитам за титулата европски шампион. Ви благодарам за среќата и радоста кои ни ги приредивте. Вие сте шампиони на нашите срца! Среќни сме што постои клубот и сакаме да опстане. Затоа, ќе предложам на седница на Влада да доделиме 500.000 евра како награда за постигнатиот успех, а дополнителни 100.000 евра ќе додели и Агенцијата за млади и спорт. И веднаш, уште од денеска се посветуваме на мерките кои ќе ги преземеме за стабилност на клубот на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму. Ќе се посветиме да изнајдеме начин за натамошната работа преку законски решенија и со помош на државните институции. Вие им носите радост на граѓаните, а државата ќе возврати со влог во иднината на македонскиот ракомет и македонскиот спорт. Честитки Вардаре!“, кажа Заев.