Загревање за Македонија пред важните дуели: Буркина Фасо „згазена“ со 28 разлика

По премиерната убедлива победа над Русија, младинската машка репрезентација на Македонија забележа победа над противникот кој дебитираше на Мундијалите, Буркина Фасо со високи 20:48. Избраниците на Илија Темелковски, кој ги одмораше главните играчи, без никакви проблеми излегоа на крај со Буркина Фасо и ја наполнија нивната мрежа до врв. Ова беше добар тест меч пред вистинскиот предизвик утре против Тунис.

Иако Буркина Фасо отвори со брз гол за 1:0, сепак Македонија преку Кузмановски, Нелоски кој започна на пикер, Димитриоски, Палевски, Крстевски и Велковски направи серија од 7 голови за водство од 1:7 во 9 минута. Африканската репрезентација вторито гол го даде во 10 минута.

Во тие моменти во игра влегоа Шилегов, Танкоски, Лазаревски, Петровски и Џонов, но тоа не се почувствува на теренот и разликата само константно се зголемуваше со лесни голови од контри или полуконтри за највисоки плус 15, 5:20 во 27 минута. До крајот на полувремето, разликата остана иста, 8:23, а Танкоски го даде последниот гол од преку 11 метри. Голманот Даниловски собра 8 интервенции во првиот дел.

Вториот дел беше чиста формалност. Буркина Фасо врза на два пати по два гола во серија, но тоа не беше никаква закана по високото водство на Македонија. Одлична одбрана, брзи голови најчесто од контри, па разлика отиде и над 20 голови, за конечна победа со 20:48.

Најдобар стрелец во македонската репрезентација беше Димитар Димитриоски со 8 голови, по 6 постигнаа Палевски, Лазаревски, Џонов и Петровски, додека Шилегов и Танкоски имаа по 5, Нелоски 2, а Кузмановски, Крстевски и Јагуриновски по 1. Двајцата голмани, Даниловски и Томовски поделија по едно полувреме и искомбинираа 16 одбрани. Следниот меч Македонија го игра утре против друг африкански противник, Тунис, со почеток во 19 часот.