Загреб со нов тренер ќе го пречека Вардар: Силвио Ивандија ќе го гаси пожарот кај „плинарите“

Довчерашниот тренер на женскиот тим на Локомотива, Силвио Ивандија е нов тренер на Загреб. Станува збор за некогашниот соработник на Славко Голужа на клупата на Хрватска и на Червар на клупата на Загреб, кој беше успешен предводник на повеќе младински селекции на „коцкестите“, а имаше и одлична играчка кариера во Замет, Целје, Загреб, Трст и Прато.

Млад, амбициозен тренер, кој заслужи прилика за излез на големата сцена, но сигурно нема да има кредити како некои што седеа претходно на жешката клупа. На мечот со Татран во СЕХА лигата беше присутен Ивандија, а тука беа и Голужа, Петковиќ, Хасанефендиќ, Маглајлија, како и довчерашниот тренер Вујовиќ, па имаше бројни шпекулации околу новиот тренер.

Сепак, изборот падна на Ивандија и премиерниот меч за него ќе биде дуелот со Вардар во Лигата на шампионите. Пред Локомотива, Ивандија ги водеше и Осијек, Медвешчак, Трст, Извиѓач, Карловац, Вараждин, катарски Ел Џаиш, како и женскиот тим на Трешњевка.

„Можам да кажа дека разговаравме, дека се уште не сме потпишале ништо и не сме конечно договорени, но мислам дека сме блиску. Имам лоши искуства со зборувањето пред потпис, па не би сакал да летам. Не знам што ќе одлучи раководството на Загреб, долго ја чекав оваа прилика, почестен сум од повикот на Загреб и не се плашам од предизвици, но и свесен сум дека распореот е тежок и дека некои работи мора да се доработат. Голем дел од играчите веќе ги познавам од младинсите хрватски селекции, па нема да имаме проблеми со адаптацијата едни на други.“ – изјави Ивандија.