Загреб прв во финалето, по третпат ќе се бори за пехарот

Ракметарите на ППД Загреб во интересен натпревар успеаја да го совладаат тимот на Нексе со 28:23 и на тој начин да се изборат за за своето трето финале во СЕХА-лигата каде што утревечер од 19 часот ќе се борат за пехарот против подобриот тим од двобојот меѓу Вардар и Мешков Брест.

Загреб тргна подобро во мечот и за пет минути поведе со 3:0. Ова им даде одличен ритам на стартот од средбата и немаа никаков проблем за да продолжат во ритамот и во следните минути. Нексе до првиот гол дојде дури во 6. минута преку Халил Јагањац, а ефикасниот старт на двобојот почна да се претвора во дуел со грешки и на двете страни и без многу погодоци. Загреб остана на 2-3 гола позитива и до 20. минута ја одржуваше оваа разлика.

На десет минути пред завршувањето на првото полувреме дојде првото зголемување на разликата на четири гола и водство од 10:6. Нексе остана во мечот, но не успеа да намали повеќе. До крајот на првиот дел остана разликата од четири гола, па на одмор се замина со 15:11.

Стартот на вторите 30 минути донесе брзо зголемување на предноста на пет гола, а потоа Нексе успеа конечно да се доближи. Набрзина неколку погодоци и казни на невнимание на противникот придонесоа за Нексе да дојде до два гола разлика. Загреб водеше со 17:15, но потоа за три минути ја врати разликата од првото полувреме. Потоа остана во истиот ритам, па на десет минути до крајот ги врати и петте гола од почетокот на вториот дел кога стана јасно дека Нексе нема да има шанса да дојде до подобар резултат.

До крајот од средбата обидите на Нексе беа залудни. Не можеше ништо против денеска подобриот ривал. Загреб имаше подобро расположени ракометари кои знаеја што сакаат на овој дуел и кои на најдобар можен начин успеаја да ја пребродат кризата во која се најдоа после првиот дуел против Вардар од осминафиналето во Лигата на шампионите.

Денеска Бичаниќ беше најефикасниот со седум гола, додека Влах остана зад него со шест. Во Нексе Бувиниќ успеа седумпати да го совлада голманот на противникот.

Со ова Нексе утре од 16:30 часот ќе се бори за 3. место со поразениот од дуелот меѓу Вардар и Мешков Брест, додека победникот од овој дуел ќе ги одмери силите со ППД Загреб во утрешното финале од 19 часот.

ППД ЗАГРЕБ – НЕКСЕ    28:23 (15:11)

Сала: Викторија во брест. Судии: Ненад Николиќ и Душан Стојковиќ од Србија. Делегати: Марјан Начевски и Ацо Николовски од Македонија.

ППД ЗАГРЕБ: Ристановиќ (10 одб.), Кастелиц, Мраковчиќ 1/2, Божиќ Павлетиќ 2/2, Контрец, Буриќ 2/2, Сршен 2/5, Хорват 5/6, Поточник, Јотиќ, Мандиќ 3/4, Хрстиќ, Бичаниќ 7/9, Карвацки, Влах 6/7, Векиќ.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

НЕКСЕ: Цар (5 одб.), Лелиќ (1 одб.), Шипиќ 4/5, Гаџа 3/5, Лебан, Етер, Зрниќ, Баришиќ Јаман 0/2, Бувиниќ 7/10, Јелиниќ 1/2, Вида 4/4, Лончар, Лавриќ, Томиќ 1/1, Јагањац 3/8, Челеби.

Седмерци: 6/7, Исклучувања: 6 мин.