Загреб отвори во СЕХА со победа против Металопластика во Шабац

Екипата на Загреб триумфираше на гостувањето кај Металопластика со 28:25 и успешно ја започна новата сезона во СЕХА лигата во која ја игра 9. сезона. Загрепчани долго го кршеа отпорот на Металопластика која покажа дека има квалитет и дека резултатот во 1. коло од Купот на ЕХФ и елиминирањето на Бешикташ не е изненадување.

Металопластика одигра лошо во првите минути од натпреварот и дозволи Загреб да поведе со 4:0. Потоа домашните го подигнаа нивото на игра и се вратија резултатски во дуелот. Во 23. минута Матичиќ погоди од контра за прво водство на Металопластика, но на одмор екипите заминаа со нерешен резултат, 13:13.

Второто полувреме Загреб го почна со 3:0 и тука ја направи предноста која успешно ја одржуваше во текот на целото второ полувреме. Во победничката екипа Мандиќ и Хорват со по шест гола беа најефикасни. Кај Металопластика најпрецизни беа Виктор Матичиќ и Дејан Бабиќ со по шест гола, а добро издание имаше Тодор Јандриќ на голот со девет успешни интервенции.

Во составот на Загреб беше и Ненад Костески, но не доби шанса на овој дуел за да ги покаже своите квалитети.