Загреб на шопинг кај најголемиот ривал Нексе

Загреб потпиша ново засилување на плејмејкерската позиција. Новиот организатор на играта доаѓа од главниот конкурент во домашното првенство Нексе. Анте Гаџа со Загреб потпиша договор на две години.

Гаџа во Нексе помина пет години пред да договори трансфер во Загреб каде што ќе остане најмалку до 2021 година. Тој во јунскиот циклус квалификации ги имаше и првите настапи во репрезентацијата на Хрватска. Играчот го истакна задоволството по потпишувањето на договорот.

„Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата. Би сакал да се заблагодарам на поранешниот клуб и тренерот, ми беше убаво. Мислам дека ова е нормален тек на настаните и убав чекор напред во кариерата. Лигата на шампионите за мене ќе биде нов предизвик, до сега играв само во ЕХФ купот. Се радувам и мислам дека можеме да ги поминеме групите. СЕХА лигата ми е добро позната, играм веќе пет години и мислам дека иако годинава е многу посилна ќе бидеме многу добри. Се надевам дека ќе допринесам во клубот најмногу што можам за екипата да биде задоволна“, рече Гаџа откако потпиша за Загреб.

Загреб и сезонава ќе се натпреварува на три фронта, Лигата на шапионите, СЕХА лигата и домашното првенство.