Загреб му покажа на Нексе кој е главен во Хрватска

Во дерби пресметката во 5. коло од првенството на Хрватска, ППД Загреб беше сигурен на гостувањето во Нашице и го совлада тимот на Нексе со 26:19 со што си обезбеди голема предност во борба за титулата.

Извонредната одбрана на Загреб му ја донесе победата уште во прворо полувреме. Ракометарите на Нексе не можеа да најдат одговор на одбраната која ја постави Тамше. Неизвесноста на мечот траеше до 14 минута во првото полувреме кога последен пат резултатот беше нерешен, 3:3. Оттогаш Загреб предводен од Мандиќ и Мраковчиќ направи серија од 8:0 и до 25 минута го задржа Нексе на само три гола. На полувреме Нексе беше на минус осум, 6:14.

Во вториот дел Загреб рутински го водеше натпреварот кон победа. Гостите успешно ја одржуваа предността и не дозволија ракометарите на Нексе да се вратат во натрепварот. Лошата организација во нападот и многуте грешки, 14 вкупно беа главната причина за поразот на домашниот состав. Во 47. минута Загреб имаше највисоко водство од 22:13.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Мандиќ со осум погодоци, а Бичаниќ и Буриќ постигнаа по пет. Во екипата на Нексе најефикасен беше Баришиќ-Јаман со шест гола, Томиќ постигна пет додека Јагањац четирипати го погоди голот на противникот.