Заврши седмото коло во Бундес лигата

Во викенд програмата од седмото коло на Бундес лигата се одиграа 5 натпревари. Додека водечката тројка ги одигра своите дуели во елитната Лига на шампионите, во Германија два натпревари завршија без победник, а Вецлар го приреди единственото изненадување на гостински терен против Либек. По седум одиграни кола Рајн Некар ја предводи табелата, потоа следува Мелсунген, Гепинген и актуелниот шампион Кил.

Aјзенах-Балинген 33-31 (18-20),
Овој меч заврши со победа на домашниот состав. На полувремето водеа гостите, но не успеаа да издржат пред налетот на домашните ракометари. Ајзенах по 4 порази во серија, конечно извојува победа. Додека Балинген врза три порази во низа.
Гумерсбах-Лајпциг 23-23 (10-9),
Првото од двата реми дуели кои завршија е мечот на прославеното име на Бундес ракометот Гумерсбах и новиот прволигаш Лајпциг кој по секоја цена сака да се задржи во елитното друштво. Цврст натпревар кој го решија добрите одбрани и одличните голмани, сеапк на крајот поделбата на бодовите е најреален исход за обата тима.
Хановер-Мелсунген 24-24 (13-11),
Хановер потфрли пред своите гледачи, извлече само реми, иако на полувреме имаше предност и сите параметри на ракометната игра беа на нивна страна. Во вториот дел за 30 минути постигнаа само 11 голови, а неинвентивниот напад од пораз го спречи само солидната одбрана. Хановер, има само една победа на пет последни натпревари и е во резултатска криза, додека гостите се уште се на втората позиција, иако на последните два меча немаат триумф.
Лемго-Битенфелд 29-26 (13-13),
Лемго конечно забележа победа после три неуспеси, и со овие два бода се искачи на 13та позиција со 5 бодови. Лемго го скрши отпорот на противникот дури во вториот дел од овој меч. Нападот одговори на советите од клупата за нова победа вкупно втора. Гостинот остана со празни раце,и е во лоша серија од само една победа на 7 натпревари и тешка битка за опстанок.
Либек-Вецлар 28-29 (12-14),
Вецлар на Миркуловски, ја забележа 4тата победа оваа сезона, многу потешко од очекувањата, против фенерџијата Либек кој игра очајна сезона. Вецлар го контролираше текот на мечот, и благодарение на бековите и расположениот напад стигна до победа и нови два бода за 7 место на табелата.