Заврши првото издание на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“

По седум дена „кампување“, хотелот Аквалина ги испрати младите ракометари од кампот „Кирил Лазаров 7“ полни со импресии, побогати со нови другари, нови вештини и спомени од тренерскиот тим под водство на капитенот на македонската репрезентација.
 EMI_9041
На почетокот на новата сезона, некои ќе се обидат да ги применат „тајните на занаетот“ на големите ракометни мајстори, дел од идните ракометари ќе ги споделуваат своите искуства со останатите соиграчи, а некои од нив ќе се потсетат на средбите со своите идоли, Кирил Лазаров, Тимур Дибиров, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков, Дејан Периќ, Андреа Лекиќ, Ацо Јоновски или Борко Ристовски, но едно е сигурно ниту еден учесник нема да го заборави првото издание на кампот „Кирил Лазаров 7“ …
FLP_0308
Желбата на македонската ракометна икона ја реализираше КМГ Спорт и со заеднички сили, благодарение на великодушноста на ракометните пријатели и спонзори ја започнаа приказната на првиот летен ракометен камп на Кирил Лазаров.
EMI_0194
Околу 150 деца од сите краеви на Македонија допатуваа во Охрид да се запознаат со големиот спортист и да научат дел од малите тајни на успехот на репрезентативната седумка. Поделени во пет групи под водство на искусните тренери Данило Брестовац, Зоран Петковски, Иван Марковски, Ице Соколески и тренерската легенда Лефтер Бошковски, младите кампери ја почуствуваа магијата на ракометот од врвни експерти предводени од Кирил Лазаров. Дел од стручниот тим на помладите категории беа и македонските репрезентативци Филип Лазаров, Борко Ристовски и Горан Кузмановски.
Зоран Петковски, поранешен ракометен голман, селектор на машката младинска репрезентација беше дел од тренерскиот тим на кампот „Кирил Лазаров 7“, а за своите впечатоци од првото издание вели:
Еден новитет е ангажманот на тренери од повеќе македонски екипи. Во секој случај, за сите оние кои сме инволвирани во ракометот ова е едно големо богатство. Сето она што се случува со ракометот во последните години треба да го валоризираме и да потврдиме во пракса дека ракометот е спорт број еден. Треба да анимираме што повеќе млади момчиња и девојки да се занимаваат со ракомет затоа што оваа почва има тло за ракомет. Сметам дека овој камп беше организиран на едно високо ниво, задоволен сум од аспект на работата на тренерскиот тим. Мислам дека и децата се задоволни, по нивните реакции се гледа дека сето она што ние го презентиравме го впија и тие детали ќе си ги применуваат во своите клубови. Им објаснивме дека за седум дена не се станува играч, тоа е еден долготраен процес, а кампот треба да претставува импулс повеќе за понатамошниот развој на спортската кариера, од режимот на исхрана преку самите тренинзи до тоа како треба да се однесуваат за да станат успешни спортисти и амбасадори на ракометот.
FLP_0305
Со Барселона за прв пат ја освои титулата во Лигата на шампионите, а овој камп претставува ново првенче за Кире Лазаров.

Пред почетокот се плашев, но сега сум презадоволен со сè што се случи. Не е важно дали јас или моите соработници сме задоволни, најважно е децата да бидат задоволни. Сега за сега сè оди според планот и владее огромно задоволство, се обидовме да инволвираме повеќе работи не само ракомет, пробавме да ги едуцираме, им одржавме многу предавања, се работеше доста квалитетно и сметам дека видовме мал напредок што е многу битно бидеќи сме свесни дека за седум дена не може многу да се постигне. Најважно е тоа што ќе им всадиме во нивната свест за нивниот понатамошен развој.

Успехот на една ваква организација зависи од повеќе поединци, а освен одлична организација потребна е и квалитетна едукација, тоа е главниот принцип по кој се водеше Лазаров при изборот на тренерите.

Почестен и благодарен сум на нашите главни тренери на сите групи кои ги имавме. Тренери од рангот на Брестовац, Петковски, Марковски, легендата Лефтер Бошковски и Ице Соколески, кои на мое инсистирање прифатија да бидат дел од овој камп, беа главната основа на овој камп и благодарен сум им што се посветија целосно на кампот. Се однесуваа не само професионално, туку покажаа многу страст и желба, како за напредок на децата така и за напредок на самите себе, се надополнуваа еден со друг и тоа ме прави среќен и задоволен.

Ние во Македонија немаме недостаток на талент. Нашиот главен проблем е во стручниот кадар. Една од идеите беше да се соберат, по мој личен вкус, најквалитетните тренери во Македонија, а покрај децата и сите ние напредувавме ракометно и се надополнувавме. Тоа е придобивката за сите нас во овие седум дена.

За тоа колку има квалитет во младите македонски ракометари, Лазаров вели:

Кај децата постои талент, но ако се оди по аналогија на азбуката можеме да кажеме дека имаат прескокнато некоја буква, инсистиравме на тоа да се навратиме малку наназад и да исправиме што може да се поправи.

Голем дел од младите, да не претерам ама 60-65% од децата имаат талент и предиспозиции за врвен ракомет. Ние ги таргетиравме децата и несомнено јас со мојот тим ќе ги следиме како напредуваат во оваа година и ќе ни биде многу драго доколку во овие седум дена сме направиле нешто за тие да израснат во врвни луѓе и спортисти.

EMI_8811
Впечатоците ќе се сумираат, ракометните експерти ќе се вратат на своите професионални обрски, а младите ракометни надежи со нетрпение ќе го очекуваат наредниот летен распуст за уште една ваква ракометна дружба…

ФОТО: Емил Јовановиќ/ Филип Вирановски