Заврши одморот: Вардарки стартуваат со подготовки в понеделник

Летниот одмор заврши и за женскиот европски вице првак Вардар, па ракометарките од понеделник се повторно во Скопје каде ги почнуваат подготовките за новата сезона. Целта е да се оди уште едно скалило погоре и да се освои европскиот врв. Она што им успеа на мажите во Келн, го посакуваат и ракометарките, на Ф4 турнир во Будимпешта.

За новата сезона вардарки имаат пет нови имиња во составот, Теа Керамичиева, Мирјета Бајрамовска, Јована Саздовска, сите репрезентативки на Македонија, Русинката Полина Кузнецова и Србинката Драгана Цвијиќ.

Првиот тренинг на екипата треба да биде во вторник на 1 август попладне. Четири денови ќе се работи во Скопје, а потоа се заминува на Златибор каде се останува десет денови. По враќањето дома, вардарки ќе се подготвуваат за настап на турнирот во периодот од 23 до 26 август во Скопје. Во меѓувреме можно е да се одиграат и некои контролни средби.