ЖРК Металург преку Вардар Јуниор за финале во Купот на Македонија

Двете најдобри екипи од регуларниот дел на сезоната во македонската женска ракометна лига, во Автокоманда по четврти пат ги вкрстија копјата овојпат во рамките на полуфиналето од Купот на Македонија. Металург по третпат сезонава беше поуспешен од Вардар Јуниор и со резултат 23-19(13-7) се пласираше во финалето на Купот на Македонија.

Првата четвртина измина во неизвесна игра, а Металург иако имаше контрола над резултатот не успеа да создаде повисока разлика од еден гол. Клучниот период за Металург започна во 15та минута кога со серија од три погодоци ракометарките на Петровски го направија првиот чекор кон конечната победа. Налетот на домаќинките продолжи до крајот на првиот дел, а во 28та минута Петковска ги постави највисоките шест погодоци предност (12-6), разлика со која завршија првите триесет минути, 13-7.

Второто полувреме го отвори Керамичиева, но веднаш следуваше брз одговор на спротивната страна. Во играта „гол за гол“, Металург ја одржуваше високата разлика од пет погодоци.

Саздовска од контра-напад ги постави највисоки шест погодоци предност, кои гo означија почетокот на последните десет минути од натпреварот. Јовановска беше одлична во средината на вториот дел и го одржуваше високото водството на тимот од Автокоманда, а на спротивната страна Вардар преку крилните позиции ја полнеше мрежата на Металург. Избраничките на Симовски најмногу што можеа да направат беше да го намалат резултатот на четири погодоци, разлика со која заврши првиот полуфинален дуел, за конечни 23-19.

Најпрецизна во составот на Металург беше Саздовска со седум погодоци, Стојановска постигна пет, додека Ливриниќ додаде четири погодоци зад своето име. Кај Вардар Јуниор, Нолевска ја предводеше листата на стрелци со 5 голови, а ја следеа Стојановска и Трпковска со четири голови.