ЖРК Куманово со победа ја започна новата сезона

Четвртопласираната екипа од женското првенство во македонската Суперлига, составот на ЖРК Куманово на домашен терен ја оствари својата премиерна победа против ЖРК Прилеп во рамките на првиот натпревар од новата сезона.

По воведните триесет минути двете екипи постигнаа по 14 голови. Иако во текот на целото прво полувреме гостинската екипа ја имаше резултатската иницијатива, а на средината на првиот дел и четири погодоци предност, во самиот финиш Куманово го изедначи резултатот и за прв пат на натпреварот поведе со 13-12. Во израмнета завршница двете екипи на пауза заминаа со конечни 14-14.

На самиот почеток на вториот дел ракометарките на Куманово создадоа низа од 4 погодоци, која успеаа да ја одржат до самиот крај на натпреварот. Најблиску до водството на домаќините, ракометарките на Прилеп беа во средината на вториот дел, кога се доближија на само гол разлика (20-19). Но следуваше одговор од ЖРК Куманово и серија од 5-1, за мирен финиш на првиот натпревар од новата сезона во македонската лига. По шеесет одиграни минути ракометарките на Куманово славеа победа од 29-23.

ЖРК Куманово 29-23 ЖРК Прилеп (14-14)

СТРЕЛЦИ:

ЖРК Куманово: Ивановска 2, Марковиќ 1, Паневска 4, Пеовска 10, Боризовска 5, Кипријановска 1, Петковска 1, Трајковиќ 5

ЖРК Прилеп: Митревска 4, Јованоска 8,  Крстевска 3, Саздова 1, Камческа 7