ЖРК Вардар ќе темпира форма против Копенхаген

Македонскиот женски ракометен шампион, ЖРК Вардар ја откажа првично најавената турнеја во Унгарија и се реши подготовките за вториот дел од сезоната да ги одработи во својата база во СЦ “Јане Сандански”. Поради откажувањето на поголемиот дел од закажаните натпревари, Вардарки се решија да останат во Скопје каде ќе ја темпираат формата за вториот дел од сезоната.
Пристигнувањето на Ким Расмусен во стручниот штаб на ЖРК Вардар донесе дански шмек во редовите на нашиот шампион, а тоа го потврдува и доаѓањето на дански Копенхаген на спаринг натпревари против Вардар. Доаѓањето на данската екипа е најавено за периодот од 17 до 22 јануари, а тест натпревари особено против екипи од Скандинавија секогаш се добредојдени. Покрај овие натпревари раководството на ЖРК Вардар работи на обезбедување на нови контроли со силни екипи за што подобра подготовка за најважниот дел од сезоната.