ЖРК Вардар повторно во фокусот: Елизабет Чавез ново засилување на македонскиот шампион?

Ново ракометно име се поврзува со македонскиот првак. Француските медиуми ја најавија младата шпанска репрезентативка Елизабет Чавез како ново засилување на ЖРК Вардар за следната сезона. Чавез игра на позиција пикер во екипата на Ница, а со шпанската репрезентација настапува од Европското првенство во Македонија 2008 година.
Елизабет Чавез е висока 192 сантиметри, со шпанската репрезентација има освоено две сребра од европските првенства и една бронза од Светското Првенство во 2011. За репрезентацијата на Шпанија има забележано 118 настапи.
Тврдењето на странските медиумите кои ги следат ракометните случувања го потврдува и фактот што Чавез не го продолжи договорот со француската екипа, а управата на клубот веќе потпиша со нов линиски играч за следната сезона. ЖРК Вардар од почетокот на сезоната има проблеми на позицијата пикер по повредите на Бегоња Фернандез и Робертина Мечевска.ФОТО: ATTILA KISBENEDEK/AFP/Getty Images