ЕХФ потврди: Металург ќе биде „домаќин“ во Шпанија

Ракометарките на Металург оваа сезона ќе играат во Челинџ Купот, а за противник го добија шпанскиот состав Ринкон Фертилидад од Малага. Тимот од Автокоманда практично сезонава ќе биде младински тим по заминувањето на 11 ракометарки од минатата сезона и шансите за пласман понатаму се сведени на теорија, па двете средби ќе бидат одиграни во Шпанија.

Европската ракометна федерација веќе ги потврди и термините за одигрувањето на двата натпревари. Првиот дуел на кој шпанскиот тим ќе биде домаќин ќе се игра на 10 ноември од 20:30 часот, а вториот на кој Металург формално ќе биде домаќин, се игра на 12 ноември во 12:00 часот

Од клубот заминаа дури 11 ракометарки, Матеја Серафимова, Маја Каранфиловска, Сања Дабевска, Марија и Милица Николиќ, Симона Стојковска, Сара Цаневска, Јована Саздовска,  Габриела Величковска, Елена Петковска и Андреа Илиќ.

Денешниот Металург е всушност спој од кадетската и младинската екипа, кои се повеќегодишни шампионки на Македонија во двете конкуренции. Првите обврски во новата сезона го очекуваат тимот на Металург на 16/17 септември, кога почнува женската Суперлига, а во првото коло и тимот од Автокоманда ќе гостува на екипата на Вардар Јуниор.