Еурофарм Работник со европско сефте

Ракометарите на Еурофарм Работник по историскиот пласман во финалето на Купот на Македонија, обезбедија и настап во Челинџ Купот. Противник на момците на Илија Темелковски е литванскиот тим Гранитас Каунас, кој ќе гостува вечерва во Битола.

Откако битолчани се ослободија од странските летни засилувања, донесоа замени за нив. Босанскиот пикер Граѓан, голманот од Украина, Умовец и десниот бек Мсквилидзе се тројцата нови странци кои треба да донесат квалитет плус во играта на Е. Работник.

Помладиот битолски суперлигаш загуби во градското дерби од Пелистер и тоа убедливо, но се врати на победничките патеки со победата над Вардар Јуниор во Скопје. Темелковски се повеќе му дава шанса и на Пецаковски за игра, па има опција плус во нападот.

Покрај него тука се Талевски, Дрогришки и Крстевски во нападот, стандардните крила Ојлески и Мојсовски, плус големите борци во одбраната Трајковски и Мемиќ, а голманот Ивановски влегува во одлична форма и може да биде еден од клучните фактори.

Натпреварот меѓу Е. Работник и Гранитас Каунас се игра со почеток во 19 часот.