Еурофарм Работник го прегази бледиот Металург и си визираше место во СЕХА

Ракометарите на Еурофарм Работник дојдоа до огромна победа против незаинтересираните ракометари на Металург. Денеска ги прегазија на теренот со 41:28 и на тој начин си обезбедија најмалку 2. место во Супер машката лига со што имаат место и во СЕХА-лигата за следната сезона.

Од стартот на натпреварот се виде дека домашните се решени да го добијат и овој меч. Притиснаа и дојдоа до предност која во првите неколку минути се движеше од два до три гола. Металург се врати кога израмни на 8:8, но потоа после 9:9 домашните одново засилија. Трајкоски бранеше одлично и придонесе заедно со Кузмановски за зголемување на разликата која до крајот на првото полувреме стигна до седум гола. На одмор се замина со 20:13.

Овие седум гола за девет минути игра во второто полувреме станаа и двоцифрени. Првпат десет разлика беше при 28:18 и тука веќе беше јасно кој победува на овој меч. Од тој момент почна зголемувањето на разликата и таа постојано беше двоцифрена и поголема од десет гола разлика.

Домашните максимално мотивирани и главно дисциплинирани во напад немаа проблеми во ниту еден момент. Гостите, потфрлија во секој сегмент од играта. Во одбраната недоволно агресивни, во нападот премногу солирање и избрзани шутеви. Интернационалците недоволно мотивирани  и незаинтересирани за игра, па оттаму задачата на Еурофарм беше и олеснета.

Одличната игра на Еурофарм Работник придонесе за голем триумф на овој натпревар. Тие во секој дел од мечот го надиграа противникот и потполно заслужено може да се радуваат на убедливата победа од 41:28.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – МЕТАЛУРГ    41:28 (20:13)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 2000. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Трајкоски, Чаневски, Ојлески 4, Маркоски 2, Д. Петровски, Пецаковски, Талевски 1, Чурлевски 3, Стјепановиќ 5, Кузмановски 9, Радовиќ 1, Кукоски, Остроушко 3, Граџан 3, Ѓукиќ 7, М. Петровски 3.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Даниловски, Томовски, Јагуриновски 8, Лазаревски 1, Димитриоски 1, Токиќ 3, Шилегов, Танкоски, Серафимов, Младеновиќ, Шпенде 4, Пучник 4, Миличевиќ 2, Маџовски 5, Матијашиќ.

Седмерци: 3/7, Исклучувања: 2 мин.