Еурофарм Работник ги комплетираше подготовките: Железничар со звукот на сирената победи во Битола

Утрово својот втор пријателски натпревар го одиграа екипите на Еурофaрм Работник и Железничар Ниш. По победата во првиот дуел од 24-21 (11-12) тренерот Бошковски на терен излезе со комбиниран состав и им даде шанса на оние ракометари кои нема да имаат голема минутажа во текот на сезоната. Ракометарите на Железничар беа подобри во вториот натпревар за голот на Крсманчиќ со звукот на сирената и победија со 22-23.

Како што истакна тренерот Бошковски, задоволен е од прикажаната игра и залагањето на своите ракометари.  Во втората контролка, Еурофарм Работник покажа карактер, и покрај тоа што имаше негатива во самиот финиш успеа да го израмни резултатот на натпреварот. Најпрецизен на теренот беше Златко Мојсоски со 7 голови, додека тројца ракометари во битолскиот состав запишаа по 4 голови зад своето име.

Двете пријателски натпревари со квалитетниот состав од Ниш, чиј предводник е поранешниот македонски селектор Јосиф Петковиќ, беа дел од подготвителниот период за битолскиот суперлигаш. Еурофарм Работник својот прв официјален настап ќе го има во Супер Купот на Македонија кој на програмата е на 12 септември во СЦ “Јане Сандански” во Скопје.