ЕП 2018 од Хрватска ќе го гледаме на ТВ Телма

Европското првенство за мажи кое од 12 до 28 јануари ќе се одржи во Хрватска ќе биде пренесувано на ТВ Телма. Ова е првпат еден ваков шампионат да се најде на програмите на оваа телевизија која во минатата сезона правеше пренос од натпреварите во домашното првенство, но и од натпреварите на репрезентацијата на Македонија.

Договорот е веќе постигнат, па сите средби на македонската селекција ќе бидат на ТВ Телма, а веројатно програмата ќе биде збогатена и со уште некој од другите поинтересните дуели така што публиката во Македонија која нема да дојде до билет за средбите на Македонија ќе може да ги следи овие средби.

Натпреварите на Македонија на ова првенство се на 13 јануари (Словенија), 15 јануари (Црна Гора) и на 17 јануари (Германија). Втората фаза стартува два дена подоцна, а првите три селекции се пласираат понатаму. Доколку Македонија успее да го мине првиот круг во што никој не се ни сомнева тогаш од Загреб ќе следи преселба во Вараждин, а таму ќе следуваат уште три дуели и тоа против три од овие четири состави: Шпанија, Данска, Чешка и Унгарија.