Екс-шампионките останаа без тренер: Вардар и Симовски се разделија

Покрај машкиот тим на Вардар во новата сезона и женската екипата ќе биде со нов тренер откако стана јасно дека нема да дојде до продолжување на соработката со Симе Симовски. Тренерот кој е и селектор на Македонија си заминува од клубот во кој беше во последните пет години.

„Нема да ја продолжиме соработката. Поминав пет убави години во Вардар. Соработувавме одлично, имав прекрасни услови за работа, но во моментов ми е потребен нов предизвик и заминувам. Во моментов нема ништо конкретно околу нов ангажман, но сигурно ќе има нешто во брзо време“, изјави Симовски за 24 Ракомет.

Симовски е тренер кој има долг стаж и е еден од оние кои поседуваат и Мастер лиценца. Тој беше во Вардар уште од 1997 година и тоа во два периоди во кои седеше на клупата и повеќе од пет години. Без разлика со кој состав настапувал секогаш успевал да го однесе тимот во горниот дел од табелата и да обезбеди место во Европските купови.

Со заминувањето на Симовски тренерската позиција во Вардар останува испразнета, а сигурно во брзо време ќе биде познато кој ќе ги води младите ракометарки.