Екс-селекторот пак во интернационалци: Владимир Глигоров повторно тренер во Либан

Поранешниот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, Владимир Глигоров во ноември се сели за Либан каде што ќе ја продолжи својата тренерска кариера.

Тој одново се враќа на интернационалната тренерска кариера така што во иднина ќе работи во екипата на Ал Садака, а најверојатно ќе работи и со женска екипа.

„Веднаш после семинарот за Мастер лиценца на 1 ноември во Загреб заминувам за Либан. Ќе работам со машка екипа, но и со женски тим. Останува да се договориме за работа и со репрезентацијата на Либан. Тоа ќе биде договорено таму, а во моментов мојот договор е на една година со опција да биде продолжен. Прва опција беа Емиратите, но после два месеца чекање ангажманот беше откажан и се договоривме со Ал Садака“, изјави Глигоров.

Тој и во минатото има работено во Либан, па ова нема да биде ништо ново за него така што се враќа на старото место.