ЕКСПРЕСНО ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ ЗА СТАРТНА ПОБЕДА НА ВАРДАР ВО ЛШ!

Ракометарите на Вардар во премиерниот натпревар во новата сезона од ЕХФ Лигата на шампионите го совладаа Монпелје со резултат 25-30 (12-9). Македонскиот шампион одигра фантастично второ полувреме по кое стигна до мошне значајна победа против секогаш незгодниот состав на Монпелје.

Вардарци одиграа лоши први триесетина минути (пред се во нападот) и благодарение на Арпад Штербик (11 интервенции во првиот дел) успеаа да заминат со пристојна негатива на полувреме. Освен почетното водство од 0-1 кое го донесе Дибиров на самиот почеток на натпреварот, во продолжението гледавме еден блед Вардар, со премногу грешки во офанзивата кои беа максимално искористени од страна на домаќинот. Бонефонд го постигна првиот гол за Монпелје во 5. минута за 1-1 , а од тој момент домаќинот од минута во минута ја зголемуваше својата предност. Гигу со својот прв погодок ги донесе највисоките +4, 7-3 во 18. минута. Македа кој го замени Циндриќ на средината на првиот дел внесе мала свежина во играта на црвено-црните и со својот втор погодок намали на -2, 9-7 во 24.минута. Следуваше брз одговор од Мацковшек кој со два гола по ред го врати највисокото водство на Французите, 11-7. Последниот гол по триесет минути игра го постигна Лука Циндриќ со кој Вардар замина на полувреме со негатива од -3, 12-9.

Пет минути им беа потребни на вардарци во вториот дел да се вратат во игра и преку Тоскиќ стигнаа до 13-13 во 35.минута.Дибиров почна да игра во препознатлив стил во вториот дел и со два брзи погодока му носи водство на Вардар од 14-16 во 38.минута.Во продолжението Вардар продолжи да го меле својот противник, а преку една извонредна контра Дибиров со својот шести погодок носи највисоки +5, 15-20, во 45.минута. Меѓутоа кога се мислеше дека македонскиот шампион рутински ќе го приведе натпреварот до крај, французите многу бргу одговорија со серија од 4-0 а Гајиќ со два погодока по ред го доведе својот тим на -1, 19-20 во 48.минута. Вардар преку расположениот Деревен ја одржуваше минималната предност а во последните пет минути во стил на голема екипа преку вториот гол на Карачиќ повторно беше вратена високата предност 24-28 на две минути до крајот. Македа со својот шести погодок стави точка на натпреварот за конечни 25-30, и го означи одличниот старт на Вардар во новата сезона во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите.

Македа и Дибиров со шест постигнати погодоци беа најпрецизни во црвено-црниот состав, а голманот Штербик беше одличен на голот со 16 интервенции. Кај французите Драган Гајиќ беше најрасположен за игра постигнувајки седум гола.