Екатерина Костјукова, Мариама Сигнате и Катарина Крпеж во Ерд

Десното крило на ЖРК Вардар СЦБТ, Екатерина Костјукова наредната сезона ќе настапува за унгарската екипа Ерд.

Екатерина Костјукова во ЖРК Вардар СЦБТ пристигна пред две сезони од руската екипа Астраханочка. Во изминатата сезона немаше доволно минутажа, покрај одличната Јованка Радичевиќ, но секоја дадена прилика на терен максимално ја искористуваше. Во европските натпревари Костјукова изминативе две сезони успеа да постигне вкупно 22 голови.

Покрај тоа што беше дел од ЖРК Вардар СЦБТ и Астраханочка, Костјукова две сезони го носеше дресот и на рускиот вицешампион Динамо Волгоград.

Екатерина Костјукова е третата Вардарка која замина во Унгарија, претходно во оваа ракометна земја, заминаа и Марија Штериова која потпиша за Вац, и Марија Лојпур која ќе настапува за новиот суперлигаш , Сегед.

erdi
Фото: Екипата на Ерд за следната сезона

Еден од позвучните трансфери во Унгарија, е трансферот на Мариама Сигнате, репрезентативка на Франција и досегашна ракометарка на францускиот клуб Иси Париз. Левиот бек на француската репрезентација важи за еден од најдобите леви бекови на светот. Нејзиниот трансфер во Ерд, одекна како трансфер бомба во светските ракометни медиуми.

Ерд својот мозаик го заокружи со српската репрезентативка Катарина Крпеж која настапуваше за РК Крим Меркатор две сезони. Катарина Крпеж игра на позиција десно крило, а македонските ракометни љубители добро ја познаваат , бидејќи една сезона го носеше дресот на ЖРК Металург ( сезона 2011-12).