Единствениот Алжирец што играше во Македонија предупредува: Луди сме по ракомет!

Алжирецот Жалил Мачу, кој минатата година, одигра една полусезона за тимот на Охрид, ги открива тајните на нашиот денешен ривал во четвртфиналето на Мундијалот, а тоа е неговата родна земја. Левиот бек ги издвојува предностите и маните на неговите помлади колеги од националниот тим, и предупредува за атмосферата на трибините, односно на публиката, која е осми играч на домаќините на ова СП.

„Алжир одигра навистина добро во првата фаза, посебно би го издвоил ремито со Хрватска. Нашата репрезентација игра се подобро и подобро на секој нареден меч. Најголема предност се навивачите, кои доаѓаат три или четири часа во салата пред стартот на натпреварите и им даваат одлична поддршка на момците. Нашата техничка предност и тоа што играчите се брзи, особено двете крила. Го имаме најдобриот голман на турнирот, Калифа Гадбан, кој има 15 до 20 одбрани на секој меч! Наш најдобар стрелец е десниот бек Ајуб Абди и тој е најискусниот во тимот. Маната е тоа што моите млади сонародници се физички инфериорни во однос на Македонците, кои доминираат во тој дел. Нашиот селектор ќе се фокусира да го запре Талески, а опасност доаѓа и од Кузмановски. Сигурен сум дека ќе биде навистина одличен дуел и мислам дека шансите се 50-50 за двете репрезентации, па тимот што ќе биде посмирен и ќе направи помалку грешки ќе ја однесе победата и ќе се пласира во четвртфиналето. Ги повикувам сите Македонци да го следат празникот на ракометот и да уживаат во мечот. Исто како и Македонците и ние Алжирците сме луди по ракометот! Поздрав до сите во Македонија, а најмногу до сите охриѓани, град кој има посебно место во моето срце.“ – вели Мачу за 24Ракомет.

Осминафиналниот дуел меѓу Македонија и Алжир се игра вечерва со почеток во 21:45 часот.