Еден Митревски малку за Партизан, Струга со полн плен од Гевгелија

Ракометарите на Струга не запираат со победите во Првата Лига. Откако славеа на дерби пресметаката минатото коло против Преспа на домашен терен, избраниците на Наум Танески  го совладаа и составот на Партизан во Гевгелија со 32:34.

Се играше гол за гол со 3:3, пред стружани да се одлепат на 4:10 и до крајот на првиот најчесто водеа од 4 до 6 голови разлика, за на пауза да заминат со предност од 14:18. Во второто полувреме домашните предводени од Митревски притиснаа и полека ја топеа предноста.

Во финишот на мечот намалија и на минус 1, во повеќе наврати, имаа и напади за реми, но Струга секогаш погодуваше во следниот напад и не дозволи израмнување. Во последните моменти се влезе со 32:33, пред гостите да погодат и да го затворат мечот со конечни 32:34.

Најдобар поединец кај Струга беше Тодор Јанкуловски со 10 голови, 8 постигнаа Александар Стојанов и Сенад Бајрамоски, додека за Партизан премалку беа 17 голови на Иван Митревски, а имаше поддршка само од Иван Џонов кој даде 7 голови.