ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОН ПАДНА ВО МАНХАЈМ!

Во првиот натпревар од новата сезона во ЕХФ Лигата на шампионите актуелниот Европски шампион Барселона во Манхајм беше поразена од домаќинот Рајн Некар Ловен со резултат 22-21 (10-9). Каталонците тешко се снаоѓаа против подвижната германска одбрана, а во последните минути немаа решение за Енди Шмит кој ги постигна клучните голови за победа на својот тим.

Сораиндо го постигна првиот погодок на натпреварот за водство на Барселона од 0-1, но германците многу брзо ја преземаа иницијативата и со двата гола на Енди Шмит поведоа со 2-1 во 6.минута. Барселона слабо функционираше во комбинираната седморка со која Чави Пасквал го стартуваше премиерниот натпревар. Гвардиола по една извонредна контра го донесе највисокото водство за Рајн Некар од 6-3 по 15 минути игра. Тоа беше момент по кој Чави Пасквал го испрати на теренот Кирил Лазаров кој ја врати Барселона на вистински колосек. Нашиот интернационалец постигна три погодоци во серијата од 4-0 која ја имаше Барселона и во 22.минута ги врати каталонците во водство од 6-7.Петерсон одговори на спротивната страна за 7-7, а играта гол за гол продолжи и во наредните две минути. Крилата на Рајн Некар Ловен, Генсхајмер и Грецки постигнаа два брзи гола со кои германците поведоа со 10-8, а точка на првиот дел стави Филип Јиха за конечни 10-9 по триесет минути игра.

Цели пет минути беа потребни за Генсхајмер да го постигне првиот гол во вториот дел за 11-9, а Лазаров со нови три гола одговори на најдобар начин и ја одржуваше Барселона во минимална негатива 14-13 во 42.минута. Ентрериос донесе ново израмнување во 47.минута, а три минути покасно Томас ја врати Барселона во водство 17-18. Сепак последните десетина минути им припаднаа на домаќините кои успеаа да направат серија од 3-0 која со гол ја затвори Енди Шмит за водство од 20-18 на четири минути до крајот. Барселона преку Сигурдсон на двапати се враќаше на гол негатива, но Шмит со погодок на триесетина секунди до крајот донесе недостижни 22-20 и голема победа за Рајн Некар Ловен на стартот на ЕХФ Велукс Лигата на шампионите. Виктор Томас со својот трет гол ги постави конечните 22-21.

Генсхајмер со шест и Грецки со четири погодоци беа најпрецизни во екипата на Рајн Некар Ловен, а на спротивната страна нашиот интернационалец Лазаров беше стрелец на шест гола.