Европскиот првак утре ги „пали“ моторите

Европскиот првак Вардар од утре, 27 јули повторно се собира за да ги почне подготовките за новата сезона во која се брани трофејот освоен во Келн минатиот месец. Ракометарите најпрво ќе имаат индивидуални лекарски прегледи, а заедничкиот тренинг е планиран за 17 часот во големата сала во СЦ „Јане Сандански”. До 3 август ќе се тренира во Скопје а потоа екипата заминува на подготовки во Словенија.

Сезонава нов играч е Даинис Кристопанс кој игра на позицијата десен бек. Со тимот ќе тренираат и дел од младите ракометарите од Вардар Јуниор. На 11 август екипата заминува за Германија и таму ќе го има првиот пријателски натпревар, против тимот на Бергишер. Следниот ден Вардар ќе игра на турнир на Гумерзбах, и во полуфиналето на 12 август противник ќе биде Рајн Некар од 17 часот. Следниот ден е натпреварот за пласман. Од 24 до 29 август вардарци ќе бидат во Катар на Супер Глоуб, неофицијалното ракометно клупско СП.