Европскиот првак повторно на терен: Вардарци „палат“ мотори в среда

Актуелниот европски првак Вардар подготовките за новата сезона ќе ги почне на 24 в среда во Скопје во салата во СЦ „Јане Сандански“. Прозивката ќе ја изврши новиот тренер Давид Писонеро кој доаѓа на местото на неговиот сонародник Роберто Парондо.

Сезонава „црвено-црните“ ќе бранат четири трофеи – во првенството на Македонија, Супер куп на Македонија, СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Засилувања за сезоната 2019/2020 во Вардар се Димитар Димитриоски, Павел Атман, Жозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.

Според направениот план од 24 јули до 2 август ќе се тренира во Скопје каде ќе бидат завршени и сите потребни лекарски прегледи на играчите. Ќе се работи на подобрување на физичката подготвеност на играчите. На 2 август се заминува за Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир на кој ќе играат и Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Бутан изола и Извиѓач. Тој турнир ќе се игра во период од 9 до 11 август.

По враќањето од Босна и Херцеговина ќе се работи во Скопје се до заминување за Саудиска Арабија на Супер Глоуб. Таму Вардар ќе настапи во периодот од 27 до 31 август. Тоа ќе бидат последни натпревари пред официјалниот почетокот на СЕХА лигата и на групната фаза од Лигата на шампионите.