Дупјачанец: Искрено, дури и ние самите се изненадивме малку што го победивме Вардар!

Ракометарите на Металург направија големо изненадување, откако во финалниот двобој од Купот на Македонија го совладаа фаворизираниот Вардар на пенали. Еден од најзаслужните за трофејот на тимот од Автокоманда е голманот Даниел Дупјачанец.

„Секако дека моите одбрани во пенал рулетот помогнаа, но немаше да вредат ако моите соиграчи не ми помогнеа. Ова беше феноменален натпревар, како што му доликува на едно финале, мислам дека заслужжено го освоивме трофејот. Да се победи еден ваков Вардар, кој три пати по ред игра на Ф4 во Лигата на шампионите, чувството е прекрасно“, вели Дупјачанец.

Металург го започна мечот со голема негатива, но потоа се враќаше во натпреварот.

„Тргнавме во грч, ги преценивме малку, влеговме некако ладно во наптреварот. Потоа се договоривме дека треба да ја стегнеме одбраната, да одиграме за нас, ми помогнаа момците во одбраната и мислам дека тоа беше клучот на победата“, продолжи Дупјачанец.

Тој вели дека и дури и самите се по малку изненадени од победата.

„Морам да бидам искрен дека по малку и ние сме изненадени од оваа победа. Меѓутоа ние пред нецели две седмици игравме во плеј-офот со Вардар и докажавме дека може да играме против нив и ете победивме. Чувството е прекрасно, не знам што да кажам“, заврши Дупјачанец.