Драма во германскиот Суперкуп: Талески и Рајн Некар славеа над „зебрите“ на пенали

Филип Талески и неговиот Рајн Некар триумфираа над Кил со 32:30 во драматичниот и неизвесен натпревар од германскиот Суперкуп. Мечот беше решен дури по изведувањето на седмерци, откако во регуларниот дел беше 28:28.

Двете екипи во текот на мечот имаа највисока предност од 3 голови. „Зебрите“ диктираа темпо во првиот дел и водеа со 2:5, па 4:7, сепак „лавовите“ во финишот на првиот дел ја стегнаа одбраната и не само што ја стопија предноста, туку и ја преземаа, па водеа на полувреме со 14:11.

Лукавиот Зарабец кој имаше одлично деби за новиот тим, како и одличниот голман Никлас Ландин, го носеа Кил до израмнување 19:19 во средината на вториот дел. Во последните секунди Кил имаше предност од 28:29, но новиот „лав“ Џери Толбринг, погоди за израмнување на 29:29.

Трагичар на Кил во пенал серијата беше српскиот интернационалец Марко Вуjин кој не го реализира седмерецот во третата серија, а потоа десното крило Патрик Грецки погоди за радост на Рајн Некар Левен за победа со 32:30. Зарабец беше најдобар во Кил со 8 голови, а кај Рајн Некар се истакнаа Шмит, Толбринг, Петерсон и Пекелер со по 4 голови, додека Талески остана без погодок.