Драма во Велес: Борец и Металург 2 на крајот го поделија пленот

Ракометарите на Борец и Металург 2, ремизираа во драматичниот натпревар кој се одигра во салата „Гемиџии“ во Велес, 31:31, иако домашниот тим може да жали, бидејќи пропушти огромна предност што ја стекна во првиот дел.

Домаќините тргнаа добро со предност од 3:0, но гостите бргу се соземаа и стигнаа до 5:5. Беше и 6:6, 7:7, па 8:8, но повторно се случи поголем пад во играта на избраниците на Петровски и Борец стигна до сериозна предност од 19:13 на полувреме.

На стартот на вториот дел се продолжи во исто темпо, па веројатно никој не веруваше дека овој меч ќе има драматична завршница. Борец водеше со 20:15, 21:17, 24:20, но некаде околу 45 минута почна да се спрема големиот пресврт.

Металург 2 намали на 24:23, но домашниот тим уште еднаш отиде на безбеди плус 3, 26:23. Но, иту не беше крајот на возбудувањата. Гостите направија серија од 5 голови преку Димитриоски и Танкоски и поведоа со 28:26.

Водеше Металург 2 и со 29:27, и со 30:28, но Ивица Илиев и Стефан Трајковски дадоа голови за 30:30. Во последната минута Горан Крстевски ја погоди мрежата на домашните за 31:30, пред Арсеновски да фаулира и да добие црвен картон поради три исклучувања, а Ивица Илиев донесе бод за Борец со голот на неколку секунди до крајот.

Најдобар во домашниот тим беше Ивица Илиев со 12 голови, додека искусниот пикер Игор Пваловски беше стрелец на 7 голови. Во Металург 2 најдобри беа Димитар Димитриоски со 11 голови, а Јагуриновски даде 5.