Драмата меѓу Пролет и Пелистер заврши со поделба на пленот

Ракометарите на Пролет и Пелистер одиграа интересен натпревар кој заврши со поделба на пленот, 27-27. Двете екипи остануваат со шанси за плеј-оф, но се чини дека допрва претстојат вистинските возбудувања во Суперлигата.

Во првиот дел имаше дури 12 израмнувања на резултатот, од 0-0 па се до 12-12. Тогаш гостите кои во ростерот го немаа најдобриот стрелец Милан Поповиќ попуштија во ритамот и Пролет поведе со 14-12, а предноста ја зголемија за уште еден гол и на пауза заминаа со водство, 17-14.

Пелистер добро го отвори вториот дел и со серија од четири голови се врати на реми, 18-18. Но потоа Кимевски го запре ударот на Димитровски, Кристо одбрани пенал на Стоилевски, а Андоновски погоди два пати по ред и Пролет се одлепи на 24-20 на петнаесетина минути до крајот на мечот.

Беше и 26-22, но се чини дека домашните прерано се опуштија, па битолчани преку Кобетиќ и Стоилевски намалија на 26-24. Рајчиќ беше одличен на гостинскиот гол, а Стоилевки беше прециен од пенал и на четири минути до крајот Пелистер се доближи и на 27-26.

Десното крило на гостите имаше уште една шанса од пенал за реми, но Кристо го запре неговиот удар, а во следната акција Андоновски исто така не беше прецизен од пенал, па се навестуваше драма во завршните две минути.

Борјан Маџовски од тешка ситуација погоди за реми, 27-27, а на семафорот остануваа уште шеестина секунди. Домашните изнудуваа ситни прекршоци и ја држеа топка скоро цела минута, но Андоновски биеше само во живиот ѕид по истекот на времето и мечот заврши 27-27.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Манасков со шест, како и Андоновски и Мајнов со по пет, додека кај гостите се истакнаа Кобетиќ со шест и Стоилевски со пет голови. Во следното коло Пелистер ќе игра на домашен терен против Бутел Скопје, додека Пролет ќе има тешка задача на гости кај Еурофарм Работник.