Дојдоа како замена во Скопје, а ги победија сите фаворити

На Светското првенство за кадети во Скопје учествуваат вкупно 24 селекции, но една од нив местото на завршниот турнир го доби како замена откако Австралија се повлече од играњето на Мундијалот. Оттаму Португалија се најде во групата на репрезентации од Европа кои ќе играат на завршницата.

Иако никој не гледаше сериозно на нив, сепак, репрезентативците на Португалија од стартот покажаа дека на ова првенство немаат респект за никого и дека влагаат со амбиции за висок дострел.

Прво комплетно ја средија Германија држејќи лекција во сите 60 минути и победувајќи со 33:26. Потоа следуваше голема борба со Србија. Иако имаа негатива и од седум гола на крајот обезбедија победа од 22:21.

Денеска, пак, во 3. коло кога го заверија пласманот во осминафиналето успеаја да го совладаат составот на Исланд, кој важеше како репрезентација која е кандидат и за полуфиналето. Португалија победи со 28:24. Со оглед на тоа што до крајот остануваат два меча против Тунис и Бразил веќе е сосема извесно дека Португалците се главни кандидати за првото место во групата Д.

Дефинитивно ова е доказ дека младинскиот ракомет во Португалија напредува и тоа со огромни чекори и дефинитивно оваа земја има состав кој може да дотурка многу далеку.