Допингувани ракометарки на младинското ЕП каде играше и Македонија!

Европската ракометна федерација објави дека три руски репрезентативки на неодамна завршеното Европско првенство за ракометарки до 19 години во Словенија на кое играше и Македонија, биле позитивни на допинг тест. Тестирањата беа направени од ЕХФ Анто-допинг Унијата, а анализата на примероците се одвиваше во лабараториите на ВАДА, Светската Анти-допинг Агенција.

Една ракометарка на тестирање спроведено за време на главната рунда, била позитивна на супстанца, која се наоѓа на листата забранети од ВАДА, додека уште две, исто така паднале на допинг тестовите за време на финалната рунда од ЕП. Имињата на ракометарките се уште не се откриваат, а сите информации веќе се испратени до Ракометниот Суд, тело на ЕХФ надлежно за разрешување на сите спорови во рамките на правилата и пропозициите на ЕХФ.

Иако во ракометот немало многу допинг скандали, сепак во последно време по зголемениот број на тестирања, се открија неколку случаи. Последна што беше на листата на допингувани, е германската репрезентативка Саскиа Ланг, која беше позитивна на ХИГЕНАМИН, лек кој се наоѓа на листата на забранети супстанци на ВАДА и заработи суспензија.