Додека играше меч за Металург, битолчани го потврдија трансферот на Дрогришки

Стефан Дрогришки вечерва го одигра последниот меч за вицепрвакот Металург. Тимот од Автокоманда играше меч од СЕХА Лигата против Загреб и загуби, а додека левиот бек беше на теренот во СЦ „Борис Трајковски“ неговиот нов тим го потврди трансферот на клупскиот веб сајт.

Е. Работник постигна договор со битолчанецот и ќе го регистрира за понатамoшниот тек на сезоната во Суперлигата и Челинџ Купот. Дрогришки е продукт на школата на Пелистер, а во последните две сезони го носеше дресот на Металург. На последното Светско првенство во Франција, Дрогришки беше дел македонската репрезентација.

Во составот на Андон Бошковски во бековската линија се Пецаковски, Талевски, Крстевски, Мајнов, Чурлевски, Петровски, и тие ќе добијат друштво во името на Дрогришки. Тој дојде од Пелистер пред две сезони во Автокоманда, но лани имаше некаква минутажа, а на стартот на сезонава ретко добиваше шанса за настап, а сега оди во клуб каде се очекува да добие поголема шанса.