Добар голман и специјалист, носат кон победа во ракометот на песок

Репрезентацијата на Македонија во ракомет на песок го одработува делот на подготовките пред заминувањето за Полска. Ракометарите и ракометарките работат на теренот на Кејот на Вардар и тука мора да ги совладаат вештините кои се потребни за да може да се одработи задачата на максимално ниво.

Селекторот Сашо Србиновски со своите помошници имаше напорни денови бидејќи мораше поголемиот дел од ракометарите и ракометарките да ги навикне на елементите кои ќе бидат потребни да се изведуваат за време на натпреварите. Тука се и правилата кои мора да се почитуваат и се поинакви од нормалниот ракомет, но и измените.

„Изгледа можеби лесно, но не е така. Навистина е тешко особено при совладувањето на индивидуалните елементи како што е пируетата. Сепак, мора да се навикнат и на една нова подлога како што е песокот што е далеку поразлично од паркетот и герфлорот. Мора да се навикнат на измените, со оглед на тоа што се игра посебно во напад, посебно во одбрана. Мора да се навикнат и на тоа дека некои погодоци вредат два, некои еден поен“, вели селекторот Србиновски за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа што има многу тактизирање особено со тоа што атрактивните голови носат два поени интересно е да се знае каде лежи моментот од кој може да се добие еден натпревар.

„Има два важни елементи односно две важни точки во ракометот на песок. Тоа се голманот и специјалистот, којшто го менува голманот во напад. Од него зависи сè во нападот. Тој ја креира играта, тој е егзекутор, тој е асистент додека голманот е тој што мора да фати многу зицери за да ја донесе својата екипа во предност“, коментираше Србиновски, кој е селектор и на машката и на женската селекција.

Првенството во Полска се одржува од 2 до 7 јули, а Македонија се враќа после осум години на големите натпреварувања.