Дијагностицирана болеста на шведскиот голман: Сјостранд од Катар се вратил со бруцелоза!

Повеќе од еден месец, првиот избор на голот на Кил, Јохан Сјостранд не е присутен на терените. Со симптоми на треска и висока температура пред неколку недели, Сјостранд е хоспитализиран на Универзитетската клиника во Кил, од каде овие денови е донесен заклучокот околу причините за заболувањето на шведскиот репрезентативен голман.
Кај шведскиот интернационалец потврдено е присуство на бруцелоза, чие лечење може да трае неколку месеци, што значи крај на сезоната за 28-годишниот голман.
Кил нема среќа со чуварите на мрежата, откако го обелоденија трансферот на Никлас Ландин. По Сјостранд, кој веќе пронајде нов дом во Мелсунген, вториот шведски интернационалец Андрес Паличка заработи сериозна повреда и исто така ќе отсуствува до крајот на сезоната. Тешка задача во продолжение на сезоната ќе има младиот дански интернационалец Ким Соне кој беше промовиран во прв голман на клубот, а поддршка доби во искусниот норвешки интернационалец Стајнер Еге.
Сјостранд за локалните германски медиуми изјави дека во моментов за него вистински тренинг претставува качување по скали, неговите мускули се атрофирани и секојдневно се труди да го врати животот во нормала. Иако пред еден месец имаше отимистични најави од таборот на Кил, сепак Сјостранд го заврши своето поглавје во „црно-белиот“ дрес. Тој веќе обелодени дека нема да се појави на ракометните терени до крај на сезоната, а од следната ќе го гледаме во дресот на друг Бундеслигаш, екипата на Мелсунген.
Бруцелозата е бактериска болест која се пренесува преку недоволно термички обработена храна од животинско потекло. Првичните прогнози се дека шведскиот репрезентивец се заразил преку козјо сирење или млеко од камила кои ги конзумирал за време на Светското првенство во Катар, кое се одржа во јануари оваа година.