Дисингер: На седум негатива на полувреме, никој не би вложил ниту цент на нас!

Единствениот Германец на Ф4 турнирот во Келн игра за Вардар, а Кристијан Дисингер иако е повреден најде сили за да излезе на теренот и помогна во големата победа над Барселона за ново место во финалето. По натпреварот тој имаше свој коментар, а кај него беше забележливо задоволството од големата победа.

„Не знам како го направивме ова. На полувреме, на таков резултат и седум гола негатива, никој не би вложил ниту цент на нас. Тренерот добро не постави во вториот дел и сметаше дека Барса ќе го спушта нивото на игра и за среќа беше во право. Второто полувреме тргна неверојатно, чудно, никој не може да објасни што се случи. Беше лудо, навистина лудо. Сега се чувствувам емоционално испразнето. Во финалето нема да бидам единствен Германец. Таму ќе бидат и двајцата судии. Среќен сум, тука се моите најблиски, пријатели, на 150 километри од дома сум и не е проблем да дојдат тука. Не мислам на тоа што само јас сум Германец меѓу играчите во финалето. На полувремето никој не сметаше дека можеме да се вратиме и да поминеме во финалето. Навистина сум емоционално испразнет и не знам што повеќе да кажам“, изјави Дисингер.

Финалето во кое Вардар ќе се бори со Веспрем за втората титула шампион на Европа стартува од 18 часот.