„Дисингер е Германец со балканска душа“

Левиот бек Кристијан Дисингер е првиот германски интернационалец што заиграл за нашиот шампион Вардар. Иако беше во комбинација да дојде уште пред пет сезони, тогаш трансферот не се реализираше, но затоа на стартот на оваа сезона Дисингер го стави потписот на договорот со „црвено-црните“.

Како одминува времето, така Германецот кој има олимписка бронза и европско злато, некогашниот член на Кил, се промовира во еден најдобрите играчи на Вардар. Тој вели дека имал понуди и да остане во некој од бундеслигашките тимови што играат во Лигата на шампионите.

„Имав десет понуди, но Вардар за мене беше најдобра опција од сите, иако и некои од нив играа во Лигата на шампионите“, вели Дисингер.

Левиот бек открива дека во слободното време го користи да го запознае Скопје што повеќе.

„Јас сакам многу да патувам, секоја земја е нешто ново за мене, сеедно дали сум ја посетил во лето или во зима. Во Скопје најмногу сакам да одам на кафе со клупските соиграчи“, продолжува Германецот.

Тој најмногу се дружи со Јања Војводиќ, кој вели дека Дисингер е Германец со балканка душа.

„Кога дојде Дисингер во Скопје, прво што направив е тоа што му ги покажав сите споменици. Во Скопје има многу убаво кафе и заедно уживаме во долгото пиење кафе. Тој не е типичен Германец, како што имаме предрасуди за нив, туку има балканска душа – сака да се дружи многу, комуникативен е“, вели Војводиќ.

Дисингер со Вардар има одлична шанса да стигне до четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако славеа на првиот меч со Загреб од осминафиналето со 18-27.