Димовски и Мелоски ја разнесоа Преспа

Двата последнопласирани тима од плеј-офот во Првата лига, Тиквеш и Преспа, понудија одлична партија со многу голови, а победата ја однесоа домаќините и тоа со убедливи 39:31. Кавадарчани беа крајно мотивирани пред својата публика и истото вроди со плод.

Табеларниот однос помеѓу овие две екипи можеби предвидуваше израмнет ракомет, но Тиквеш Кавадарци се погрижи тоа да не биде така. Тие влегоа подобро во средбата и полека градеа предност. Преспа на моменти во првиот дел се одржуваше на два до три гола негатива, но при крајот на полувремето попушти и замина со пет гола негатива по првите 30 минути.

Играта на гостите во вториот дел тотално падна, а Тиквеш многу брзо стигна до двоцифрена предност и рутински финиш на средбата.

Мартин Димовски постигна девет гола, а Илија Мелоски додаде седум. Филип Шиклевски со десет постигнати гола беше најрасположен во редовите на Преспа.