Димитровски: Пелистер секогаш и секаде оди на победа

Во малото дерби од Суперлигата, ракометарите на Пелистер гостуваат во Скопје на тимот на Пролет. Гостувањата во „Македонско сонце“ секогаш се незгодни за екипите кои важат за фаворити на хартија во однос на составот на Илија Темелковски, но многумина си заминувале со наведнати глави. Пикерот на Пелистер, Васко Димитровски очекува тежок и неизвесен натпревар.

„Поучени од претходното гостување во Радовиш, кога останавме со празни раце и загубивме практично добиен натпревар, сега одиме претпазливо и се надеваме дека ќе се славиме на крајот. Во минатото коло убедливо победивме против Металург 2, а по гостувањето во Пролет, посакуваме продолжување на победничката серија. Пелистер секогаш и секаде оди на победа.“ – вели Димитровски.

Мечот меѓу Пролет и Пелистер се игра вечерва во салата „Македонско Сонце“ со почеток во 19:30 часот.