Дибиров: Мешков Брест има предност пред својата публика, но ние сме најопасни во април и во мај

Ракометарот кој е во Вардар веќе неколку сезони и имаше голем удел во сите успеси на клубот во последните години, Тимур Дибиров е подготвен за нови интересни и квалитетни средби на Ф4 турнирот во СЕХА. Свесен е за она што претстои и за квалитетот на противниците, но вели дека сега Вардар е далеку посилен и сигурно ќе биде понезгоден.

Тоа што Вардар сезонава двапати губеше од Мешков Брест на дуелите од групната фаза за Дибиров нема никакво значење бидејќи сега се очекува на терен да истрчаат најдобрите.

„Ова ќе биде многу поразчичен натпревар од тие два кои ги одигравме во групната фаза. На средбата во Брест игравме со втора екипа, а во Скопје мечот не значеше ништо за нас. Роберто сакаше повеќе ротации и да ја зачуваме свежината за ЛШ. Сега е момент да покажеме сè што знаеме и да бидеме максимално концентрирани и влегуваме со мотив како за меч во Лигата на шампионите и за Фајнл фор. Треба да играме максимално ако сакаме да победиме. Имаме голема желба да го покажеме квалитетот. Мислам дека сезонава не изигравме ниту еднаш максимално како што сакаме во СЕХА“, коментираше Дибиров.

Тој смета дека „црвено-црните“ веќе знаат како да се снајдат со притисокот односно да немаат никаков притисок кога се играат вакви натпревари.

„Немаме притисок бидејќи веќе навикнавме да играме на вакви средби и тоа во континуитет. Секоја година сме на Ф4 и сакаме да ја освоиме СЕХА. Имаме респект кон Мешков Брест и овој тим има предност бидејќи игра дома пред своја публика, а секогаш кога игра на домашен терен игра подобро. Можеби им давам мала предност, но веќе е добро познато како ние се бориме под притисок. Ќе биде тешко, Брест има предност, но ние сме Вардар“.

Тоа што Вардар буквално го прегази Загреб на првиот меч од осминафиналето во ЛШ и во првото полувреме во Скопје дава надеж за добар резултат. Сепак, останува и едно малку послабо полувреме.

„Многу е лесно и едноставно. Три полувремиња против Загреб игравме многу добар ракомет, но во четвртото мораше да се сфати дека тренерот сакаше да им даде шанса и на оние кои се вратија од повреда. Парондо направи одлична работа бидејќи им даде шанса на играчите со помала минутажа да влезат во потребниот ритам. Тоа е најважно. Ако требаше да победиме со поголема разлика ќе беше сигурно поинаку. Вака ги добивме Горбок, Борозан, Мораеш и многу други играчи. Тие кои добија минутажа тие се веќе подобро подготвени и сигурно ќе бидат уште подобри за четврт-финалето од ЛШ“.

Што се однесува до Вардар овој тим веќе неколку години успева да го достигне зенитот во формата кога ќе дојдат завршните средби во СЕХА и во Лигата на шампионите.

„Вардар е најопасен во овој дел од сезоната. Сите кои сме во Вардар со години најголемите успеси ги имаме направено во овој дел од сезоната. Одиме напред. На крајот на март, во април и мај одиме во нагорна линија со формата. Сега нашата глава е лесна и немаме притисок играме со сите сили за нас и за нашите навивачи и сакаме да го покажеме вистинскиот лик на Вардар“, изјави Дибиров.

Полуфиналниот дуел против Мешков Брест ќе биде одигран утре од 19 часот и ова ќе биде првиот дуел на кој ќе треба да се покаже вистинското лице на „црвено-црните“ и да се надигра домаќинот на еден тежок натпревар.