Дибиров: И кога е пола сала полна, грми како да е цела

Капитенот на Вардар во отсуство на Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров после средбата објасни што и како се случувало на теренот, но и во соблекувалната. Воедно малку ги искара и фановите бидејќи денеска не ги исполнија трибините.

„Очекувавме повеќе публика на трибините со оглед на тоа што е недела. Сепак, и кога е пола сала таа грми како цела. Успеавме и во такви услови да направиме пресврт. Игравме подобро и среќни сме поради тоа што секоја победа за нас е нешто посебно и важно, а потоа гледаме само на следниот натпревар“, рече Дибиров.

Овој дуел Вардар го одигра со две лица бидејќи во првото не го покажа најдоброто и имаше големи проблеми.

„Можеби новите ракометари малку изгореа со оглед на тоа што ова е прв натпревар. Сепак, на пауза имавме состанок со тренерот кој беше мирен и позитивен и тоа се виде во второто полувреме. Покажавме дека знаеме како треба да се носиме со притисокот“.

Што се однесува до она што Порто го прикажа на теренот тоа не е никакво изненадување.

„Очекувавме тежок натпревар како што беше. Во првото полувреме не функциониравме како што треба, но во вториот дел ја најдовме нашата игра. Сигурен сум дека Порто го очекуваат уште победи во групата од Лигата на шампионите и сигурно ќе имаат уште бодови. Оваа екипа на Порто има голем раст и игра одличен ракомет. Во Порто ќе ни биде многу тешко“, рече Дибиров.