Дибиров: Ги добивме документите, сега сите сме слободни агенти!

Еден од првите странски ракометари со кои започна руската ера во Вардар, Тимур Дибиров, по шест години ќе си замине од македонскиот првак. Во интервју за сајтот на руската ракометна федерација, тој откри некои нови детали во однос на судбината на Вардар каков што го знаеме во последните неколку години.

„Дали има надеж за Вардар да не се распадне? Јас се водам само по официјалните информации. Пред натпреварот со ПИК Сегед, директорот на клубот ни кажа дека овој тим нема да постои повеќе. Ние ги добивме документите и сега сме слободни играчи“, вели Дибиров.

Пред една седмица, претседателот на СЕХА лигата и поранешен спонзор на Вардар, Михајло Михајловски, преку соопштение објави дека Вардар повторно ќе биде европски гигант и најави дека има заинтересирани бизнисмени да инвестираат во клубот. Тој побара рок до 10 мај ракометарите да бидат трпеливи.

„Јас не сакам тоа да го коментирам. Ќе ги повторам фактите – директорот најави престанување на проектот и ракометарите си бараат други клубови“, продолжува Дибиров.

Левото крило вели жал му што ќе си замине од Вардар, Скопје и Македонија.

„Многу сум поврзан со Скопје и Македонија. Тука имав и спортски и животен успех, затоа што тука се роди мојата ќерка. Вардар е фантастичен клуб, со фантастични навивачи. Имам само позитивни зборови. Ќе биде тажно што ќе си одиме. Скопје стана мојот втор дом. Но, ние сме професионалци, нашиот живот секогаш носи и нови места. Тоа е животот на спротистите. Оваа ситуација сигурно ќе им падне тешко на мојата сопруга Ирина и на моите деца. Си одиме од Македонија со полно срце, за Скопје, за Вардар, за ракометот. Горди сме на она што го направивме“, вели Дибиров.

Рускиот репрезентативец има понуда за трансфер во Брест Мешков.

„Јас со Мешков Брест немам договор, од нив имам само понуда, но има и други од Германија, а и од други земји. Кога ќе решам каде ќе одам, мојот нов клуб експресно ќе објави. Пред да потпишам, не сакам да давам изјави. Наскоро ќе излезат информации и за другите играчи на Вардар, некаде на средината од месецов. Време е да се реши сè“, заврши Дибиров.

Вардар ќе игра против Барселона, а потоа против Веспрем или Келце, на завршниот турнир во Келн.