Дибиров: Во оваа фаза нема фаворити и аутсајдери, најважната улога ја има карактерот!

Ракометарите на Вардар заминаа за хрватската престолнина Загреб, каде утре ќе го одиграат првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Левото крило Тимур Дибиров очекува две тешки средби.

„Имаме голем респект за екипата на Загреб, затоа што секоја година го покажува квалитетот, игра во елиминациите во ЛШ, има многу добри играчи, сега и нов тренер со кој играат побрз ракомет, така што очекуваме тешки два натпревара, нема да биде лесно“, вели Дибиров.

Според рускиот интернационалец во оваа фаза нема фаворити и аутсајдери.

„Во оваа фаза од Лигата на шампионите, нема фаворити и аутсајдери, затоа што тука најважната улога ја играат карактерот, посветеноста на тренинзи и желбата. Кај Загреб секогаш бил предност  карактерот, играат докрај. И оваа година покажаа дека имаат квалитет, дека можат да се носат со секого, без разлика дали е фаворит. Што се однесува до Вардар, ние веќе навикнавме да го играме овој плеј-оф  докрај и можеби, во нашата глава најсилна страна е тоа што ние имаме победнички квалитет. Кога играме лошо, тоа секогаш ни помага, зашто најважното е да се има тимски дух, тимски карактер. Нема врска кој денеска игра добро или лошо, ние сме победувале. Меѓутоа, во вакви нокаут-двобои може се да се случи и затоа мора да се игра со голем респект, каков што имаме ние кон Загреб“, коментира Русинот.

Потврдени се заминувањата од Вардар на Игор Карачиќ и Рожерио Мораес, а може да си заминат уште неколку до крајот на сезоната.

„Важни играчи ќе си одат, но тоа е спортот, секогаш треба да одиме понатаму, сакале или не. Вардар ќе биде ист без секого. Тоа го покажа оваа сезона, а можеби и следната. Во прв план треба да е клубот, кој секогаш оди нагоре. Вардар може без сите, тоа е реалноста, не е тоа можеби што ние го сакаме, но нема врска кој игра на теренот, кој ќе дојде, кој ќе замине. Ние се бориме Вардар да биде инсттуција за играчи, за клубот, за навивачите, за сите“, завршува Дибиров.

Првиот натпревар меѓу Вардар и Загреб се игра во хрватскиот главен град утре со почеток во 20:30 часот.