Дибирова пред стартот на ЛШ: Отвораме против еден од кандидатите за Ф4-турнирот

Екипите на Вардар и ФТЦ Раил Карго в петок од 19 часот ја отвораат новата сезона од Лигата на шампионите во натпреварите по групи. Нивниот дуел е прв на програмата, а ова е истиот двобој со кој Вардар и лани стартуваше во натпреварите од Лигата на шампионите.

Ланските 27:27 во Скопје делуваат отрезнувачки односно ги тераат вардарки да бидат внимателни пред овој меч кој ќе го даде патоказот за новата сезона во Лигата на шампионите.

„Добро што ја започнуваме Лигата на шампионите на домашен терен. Играме повторно против ФТЦ, тие се добра екипа, еден од фаворитите за завршницата и Ф4-турнирот во Будимпешта. Имаат квалитетни играчи, минатата сезона загубивме бод на почетокот, затоа мора да дадеме сè од себе за да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Дибирова.

Таа сезонава ќе има нов помошник во Роберто Гарсија Парондо. Шпанецот кој работи со Раул во машката репрезентација на Македонија, сега е во тандем со Дибирова во ЖРК Вардар, а Ирина вели дека тој е одличен стратег.

„Никогаш не е доволно време за тренерите. Секогаш треба повеќе време. Парондо е голем специјалист и добар тренер. Работиме во ист стил како и Раул Гонзалез. И верувам дека ќе ни помогне да дојдеме до подобар резулат“, заврши Дибирова.