Дејан Милосављев: Нексе е генералка пред дуелот со Барселона

Голманот на Вардар кој сезонава си обезбеди место како прв „чувар на мрежата“, Дејан Милосављев пред утрешниот дуел против Нексе има победничко размислување и верува дека тој и неговите колеги ќе знаат како да се изборат до триумф.

„После два порази во СЕХА дома мора да го дадеме максимумот. Нексе е силна екипа која игра добар ракомет. Имаше доволно време за да се одмори и да се подготви за нас. Доаѓаат во полн состав во Скопје. Со самото тоа тие доаѓаат по бодови. Ние одиме на максимум и ова е дуел кој ќе ни биде подготовка за дуелот против Барселона. Нема сомнежи дека ќе покажеме најдобра игра што можеме на утрешниот дуел“, коментираше Милосављев.

Во однос на играта на противникот опасноста би требало да доаѓа од контранападите на Нексе, па Вардар ќе мора да игра трпеливо.

„Нексе игра добра одбрана и има добра транзиција. Ракометарите секогаш се борат до крај и затоа ние мораме да одиграме квалитетно од почеток и да се обидеме уште во првото полувреме да дојдеме до предност и тука да го решиме натпреварот“.

Што се однесува до неговата форма тој верува дека ќе успее да го задржи нивото од претходните средби, но во исто време смета дека е добро што доби поддршка од репрезентативецот на Алжир.

„За тимот е добро да има два или три квалитетни голмани. Ние го имаме и Калифа и се надополнуваме и тоа го гледаме како тимски. За нас младите голмани е најважно екипата да има сигурно и да победуваме. Ние сме млади и не треба да гледаме кој и колку бранел. Најважно е екипата да победува“, изјави Милосављев.

Средбата против Нексе се игра утревечер од 20:45 часот,  ова е дуел од 8. коло од СЕХА-лигата.