„Децата“ на Червар го решија Динамо среде Панчево

По поразот во првото коло од шампионот Вардар, ракометарите на Металург очекувано славеа на гостувањето кај новакот во СЕХА Лигата, српскиот тим Динамо Панчево, со 20:25. Избраниците на Лино Червар практично уште по првиот дел ја обезбедија победата, бидејќи водеа со 7 голови разлика, 9:16.

Стартот беше според посакувањата, 0:8 по 11 минути, а домаќинот не можеше да го најде патот до мрежата на голманот Арсиќ и првиот гол го постигна дури во 13 минута преку Јелиќ, а истиот играч намали и на 2:8. Во неколку наврати домашните имаа и минус 5, 7:12, 8:13, 9:14, но во финишот погодија Пешевски и Токиќ за убедливи 9:16 на паузата.

Во вториот дел се менуваа играчите на теренот, но тоа многу не се одрази на резултатот. Металург стигна до највисоки плус 9, 12:21 преку Мице Шилегов, а потоа и до „десетка“, 14:24, па до крајот се играше само формално за конечни 20:25.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Анѓелиќ со 5 голови, Пешевски и Токиќ дадоа по 4, а голманот Арсиќ имаше 14 интервенции, додека кај домаќинот се истакна Стојановиќ со 4. Следен предизвик за македонскиот вицепрвак ќе биде хрватскиот Нексе, а натпреварот се игра в недела со почеток во 17:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“.