ДЕНЕС ТРИ НАТПРЕВАРИ ОД ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

По вчерашното отворање на сезоната во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите, денеска продолжуваат возбудувањата на ракометните терени ширум Европа. Најпрво од 18:00 часот рускиот шампион Чеховски Медведи ќе ја пречека шпанска Ла Риоха, од 19:00 часот Загрепска Арена ќе експлодира на дуелот во кој ППД Загреб ќе му биде домаќин на Кил, а точка на денешната ракометна програма ќе се стави со дуелот од 20:00 часот помеѓу швајцарскиот шампион Кадетен и норвешки Елверум.
Најголеми возбудувања се очекуваат во Загреб каде Веселин Вујовиќ како никогаш досега оптимистички изјави дека неговиот тим може и се надева дека ќе го совлада Кил. Македонските претставници Вардар и Металург своите натпревари ќе ги одиграат викендов. Најпрво Металург во сабота од 17:30 часот му гостува на Мотор Запорожје, а Вардар во недела од 17:00 часот ќе се обиде да се врати со победа од незгодното гостување во Франција против Монпелје. Натпреварите можете да ги проследите на ehftv.com.