Денеска потпиша, в четврток го чека македонско дерби во Бундес

Македонија во следната сезона како никогаш досега ќе има дури пет свои сениорски репрезентативци кои ќе играат во Бундес лигата. Сите се во различни клубови, а ова значи дека ќе има многу македонски дерби двобои во текот на сезоната.

Распоредот сакаше уште во 1. коло да дојде до пресметка меѓу двајца ракометари од Македонија, а се работи за двобој меѓу екипите на Магдебург и Балинген. Филип Кузмановски во Бундес лигата ќе дебитира на домашен терен против Филип Талески, па в четврток на отворањето на сезоната ова ќе биде максимално интересна пресметка.

Инаку, се работи за колеги од националниот тим на Македонија. Сега се дел од сениорската репрезентација, а летото во 2017 година двајцата беа носители на младинската репрезентација која на Светското првенство во Алжир го освои 6. место.

Во 1. коло Филип Миркуловски исто така в четврток и тоа во истиот термин од 19 часот ќе се соочи со тимот на Лемго на домашен терен.

На 25 август од 16 часот Мартин Томовски ќе го има своето деби во Бундес лигата во дресот на Лудвигсхафен и тоа против екс-тимот на Талески, Рајн Некар.

Жарко Пешевски, пак, својот прв меч во сезоната и исто така деби во Бундес ќе го има последен. Тој ќе гостува со Штутгарт на 29 август од 19 часот кај составот на Ерланген.